| Златото во танцови двојки за домаќините на ЗОИ |
| Вторник, 23 Февруари 2010 12:10 |
|
Тие ја задржаа минималната предност во однос на конкурентите пред слободната програма, каде повторно имаа најдобри оценки од судиите. Среброто им припадна на Американците Мерил Дејвис и Шарли Вајт, додека светските шампиони Оксана Домнина и Максим Шабалин ја освоија бронзата. Лесно може да се случи Русија да остане без златен медал во уметничко лизгање бидејќи во женска конкуренција претставничките на оваа земја се далеку од фавориската улога. На скокалницата во екипно натпреварување триумф на австрискиот тим – Волфган Лојцл, Томас Моргенштен, Грегор Шриленцауер и Андреас Кофлер. Втората позиција ја освоија Германците, а трети беа Норвежаните. Екипните натпревари беа присутни и на патеката за крос кантри каде во женскиот спринт победија Германките Еви Сашенбахер – Штеле и Клаудија Нистанд. Тие имаа за 6 десетинки подобро време од Шарлот Кала и Ана Хаг од Шведска, додека на третата позиција се пласираа Ирина Казова и Наталија Короцелева од Русија. На машкиот спринт најбрзи беа Норвежаните Оејштеин Петересен и Петер Нортуг, пред Тим Шарнке и Алекс Тејчман од Германија, а Русите Николај Морилов и Алексеј Петуков ја освоија бронзата. На женскиот дел од турнирот во хокеј на мраз во полуфиналето очекувани резултати: САД – Шведска 9:1 и Канада – Финска 5:0. Во финалето ќе играат САД – Канада, а за бронзата Шведска – Финска. Во натпреварите за пласман Швајцарија – Русија 2:1 (за 5.место) и Кина – Словачка 3:1 (за 7.место). По четирите нови дисциплини сега пет држави имаат двоцифрен број медали, а на врвот се и натаму спортистите од САД со 25 (7 златни – 8 сребрени – 10 бронзени), Германија 21 (7-9-5), Норвешка 14 (6-3-5), Русија 11(2-3-6) и Канада 10 (5-4-1). Денеска на Игрите ќе настапи и последниот македонски спортист Антонио Ристевски кој ќе се појави на стартот на трката во велеслалом.
|