Поради настап во регионалните лиги (мажи и жени), суперлигите во Македонија ќе бидат проширени со второпласираните од првите лиги, а по бараж-мечевите ќе има места и за уште по два тима во секоја конкуренција. Ракометарите на Драчево и ракометарките на Феникс го освоија првото место во првата машка лига, односно првата женска лига и тие идната сезона ќе играат во најквалитетните македонски првенства, во суперлигите.
Со оглед на фактот што по две екипи од овие лиги ќе играат во Регионалната лига (Металург и Вардар кај мажите и Металург и Жито Прилеп кај жените и во суперлигите ќе се приклучат дури напролет, во доигрувањата), во елитата влегоа и второпласираните од првата машка (Битола) и од женската лига (Куманово).
Згора, за пласман во елитите претпоследниот тим од првенството од машката суперлига (Куманово) ќе игра бараж-дуел со четвртиот од Првата лига (Преспа), а последниот од Суперлигата (Борец) со третиот од Првата лига (Овче Поле). Кај жените, пак, последнопласираниот во Суперлигата (Кичево) ќе игра со третиот од женската кадетска прва лига (РК Металург), додека претпоследниот од Суперлигата (ФОН-универзитет) со четвртопласираниот од Првата лига (Ел Коритон).
Особено импресивни беа драчевци, кои предводени од некогашниот ракометен репрезентативец, пикерот Игор Котевски, убедливо триумфираа во Првата лига со 70 бода (23 победи, едно реми и три порази). Тие се единствена ракометна екипа што во втората година на постоење успеале да влезат во Суперлигата.
- Откако бев повикан да му помогнам на Драчево, навистина ми беше чест и задоволство да настапам за екипата што е од моето родно место. Знаевме дека ќе биде многу тешко, но не се предававме, работевме напорно и од натпревар во натпревар станувавме свесни дека никој не може да нé победи, освен самите себеси, како што често знаеше да ни рече нашиот тренер Котевски. Евидентно беше дека од сите екипи во лигата, ние имавме најискусен и најквалитетен состав, составен од играчи што веќе настапувале во Суперлигата. Искуството на крајот пресуди. Дали и понатаму ќе останам во Драчево, не можам конкретно да кажам. Во секој случај, голема благодарност до управата, играчите и до тренерот Котевски, а во наредната сезона им посакувам многу успех во најелитното друштво – вели најдобриот играч на овој клуб Дарко Георгиевски.
Извор: Нова Македонија