Репрезентацијата на Шпанија синоќа пред своите навивачи во Барселона ја совлада Македонија со 10:5 и го освои првото место во групата „Ц“ од квалификациите за Европското првенство што следната година ќе се одржи во Ајндховен, Холандија. И двете репрезентации изборија место во баражот што ќе се одигра во октомври. Шпанија како првопласирана за противник ќе добие некоја од второпласираните селекции од другите пет групи, додека Македонија ќе има противник од првопласираните. Натпреварот кој се играше во рамките на 5.коло од квалификациите, по периоди заврши 2:2; 5:1;1:1 и 2:1. Решавачката предност „црвента фурија“ ја направи во втората четвртина која ја добија со 5:1 и на полувремето имаше водство од 7:3. Репрезентацијата на Македонија на овој натпревар ја предводеше Игор Гочанин, кој го замени како селектор Сашко Поповски. Головите за Македонија ги постигнаа Мирослав Ранџиќ и Милан Петровиќ по 2 и Здравко Делаш 1. Кај домаќинот најефикасен, а воедно и на натпреварот беше Иван Перез со 4 голови, а по еден постигнаа Гиљермо Молина, Марио Гарсија, Марк Мингељ, Марк Рока, Чави Валес и Чави Гарсија. Шпанија е прва во групата со 9 бодови, пред Македонија со 6, а Белорусија е последна без бод. За нашата репрезентација ова беше последен натпревар од квалификациите, а од оваа група на 2 јули ќе се одигра уште натпреварот Белорусија - Шпанија во Минск. Натпревари од 5.коло во другите групи ќе се одиграат в сабота.
Извор: МРТ