Поминаа четири дена од шестиот натпревар од финалната серија во НБА лигата, а се уште не стивнуваат импресиите кај љубителите на кошарката од целиот свет. Сите се едногласни дека Далас Маверикс заслужено стигна до својата прва шампионска титула во историјата, но во исто време исто така се едногласни дека главниот виновник за дебаклот на Мајами е Леброн Џејмс. Не само поради статистиката која во овој случај можеби е и на негова страна, колку поради тоа што Леброн ја загуби и последната шанса да стане лидер на еден шампионски тим и да го води до самиот крај. Лани доброволно се откажа од таа можност кога го напушти Кливленд и се пресели во Мајами, а сега конечно се прости од својот прекар "Крал", барем на одреден период. Многумина велат дека екипата на Мајами е премногу талентирана за да остане без шампионска титула и тоа сигурно ќе се случи во следните сезони. Но целата екипа, а пред се Леброн Џејмс мора да смени некои работи во своето однесување за да станат шампионски колектив. Самиот Леброн за време на плеј-офот постојано на својот профил на Твитер испишуваше пораки во кои натпреварите ги споредуваше со војна, се повикуваше на судбината и зборуваше дека ги игра најважните средби во својот живот за потоа кукавички да отфрли каква било одговорност за поразите правдајќи се дека "неговото време ќе дојде, а кога, знае само Бог". Неговото држење на теренот беше ужасно, неговите прес-конференции се сведуваа на симнување на вината од својот грб, а ништо подобра не беше неговата игра. Затоа, сметаат навивачите, Леброн ќе мора да реши неколку големи проблеми ако сака да освои шампионска титула и да стане главен играч во својата екипа.
1. МОРА ДА ИГРА КАКО ВОЗРАСЕН МАЖ
Доста беа судбински пораки на Твитер. Доста беше барање прегратки од соиграчите. Доста беше фрлање креда. Доста беше третирање на натпреварите како да се холивудски филмови. Леброн Џејмс мора да порасне. Во време на глобализацијата, славата за многумина се покажала вистински пекол. Џејмс, меѓудругото, одлучи да замине во Мајами за повторно да го почувствува задоволството на играње со пријатели како во средношколските денови. Место тоа, јавноста го дочека на нож. Во текот на сезоната се обиде да одговори на нивните убоди, но се распадна во клучните моменти. Следната сезона мора да биде посилен, да игра без страв, а не за тоа да пишува на Твитер.
2. ДА РАЗВИЕ ИГРА СО ГРБ
Во шестиот натпревар од серијата Леброн двапати се обиде да игра "центарски" со Хозе Хуан Бареа, играч кој во споредба со него може да се нарече "џуџе". Такви шанси мораат да завршуваат со лесни поени или со слободни фрлања. Кога Леброн би имал техника на играње со грбот свртен кон кошот, би бил уште посилен затоа што противничките играчи нема да знаат што ги чека. Бареа знаеше и затоа еднаш извади прекршок во напад, а еднаш Леброн ја извади топката надвор од рекетот.
3. ДА ЈА РЕШИ СИТУАЦИЈАТА СО ВЕЈД
Кога почна сезоната, бројни критичари тврдеа дека меѓу Леброн и Вејд ќе дојде до конфликт околу местото на лидер во тимот. На еден начин и беа во право бидејќи двете ѕвезди толку внимаваа да не влезат во судир што честопати забораваа да го прават тоа за што се платени - да ги решаваат натпреварите. Единствениот момент кога некој крена глас на другиот беше третиот финален натпревар во кој Вејд почна да му "урла" во лицето на Леброн за подоцна да го удира во градите додека овој се обидуваше да стигне до клупата. Но, и потоа ништо не беше решено, Леброн продолжи со лошите игри додека Вејд се обидуваше, а не му одеше. Мајами Хит е змеј со три глави, но едната од нив во ова финале му беше отсечена. Тоа повеќе не смее да се повтори. Некој треба да стане газда, а тој мора да е Леброн Џејмс. Меѓутоа, за да го направи мора да ја исполни првата точка од оваа анализа, а за такви работи потребно е време.