Рома во летниот преоден рок планира да го ангажира офанзивниот играч од средниот ред на Палермо, Хавиер Пасторе и напаѓачот на Барселона, Бојан Кркиќ. Од “Олимпико” би требало да замине црногорскиот шпиц Марко Вучиниќ, кој е во напредна фаза од преговорите со торинскиот гигант – Јувентус. Ова е план на богатите сопственици на “волчицата”, кои рекоа дека нема да штедат пари за тимот да го направат конкурентен за титули уште во првата сезона од нивното владеење.
- Рома е неверојатен клуб, со фантастични навивачи и прекрасна иднина. Пасторе ќе биде идеално засилување на овој клуб. Засега нема официјални преговори, но работите се јасни бидејќи претседателот на Палермо, Мауро Ѕампарини бара отштета од 50 милиони евра. Ако Рома ги има тие пари, тогаш лесно ќе се договори со Пасторе – изјави менаџерот на играчот, Марсело Симонјан.
И агентот на Кркиќ, Зоран Векиќ се надева дека неговиот клиент ќе се пресели во Рома. Напаѓачот е незадоволен од минутажата во Барселона и бара клуб каде ќе може да настапува и да се развива во кариерата. Најдобра варијанта за младиот Шпанец со српски корени е наредната сезона како позајмен играч на Барса да настапува на “Олимпико”.
- Барселона треба да ја сфати позицијата на играчот. Кркиќ сака да игра и најлогично решение е да му се дозволи како позајмен фудбалер да настапува во Рома, со можност неговиот договор да биде откупен по завршувањето на сезоната, ако раководството на “волчицата” биде задоволно од неговите игри – вели Векиќ.
Овие двајца играчи треба да ја пополнат празнината што ќе се јави со заминувањето на Мирко Вучиниќ. Тој веќе е во преговори со Јувентус и ако се спогоди за персоналните услови, веднаш ќе почнат преговорите на двата клуба за висината на отштетата. Ако не се договори со торинскиот клуб, постои шанса Црногорецот да се пресели во Англија, а заинтересирани се Блекбурн и Тотенхем, кои нудат 20 милиони евра за неговите услуги.
Четврток, 16 Јуни 2011 10:52
Пасторе и Кркиќ во Рома – Вучиниќ во Јуве
Прочитано 1353 пати
Објавено во
Фудбал