Луис Хамилтон, конечно, одговори на новите шпекулации кои го поврзуваа со Ред Бул оценувајќи дека нема причина да си замине од тимот на Мекларен се додека тие можат да му дадат победнички болид. "Не гледам зошто би сакал да си заминам кога го имам најконкурентниот болид. Се додека го имате болидот со кој можете да ја завршите работа, нема да има причини за заминување", изјави Британецот. Формула 1 шампионот од 2008 година беше забележан како разговара со шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, на Канадското ГП минатиот викенд, но тој вели дека таа средба не е толку значајна. "Ги знам сите менаџери, сите шефови на тимови. Го познавам и шефот на Ферари, Стефано Доменикали, и секогаш убаво си разговараме. Кристијан го знам од времето кога бев во помалите серии, кога се селев од формула 3 во ГП2, а тој го водеше Ф3000 тимот. Разговарав со многу луѓе минатиот викенд!", објаснува Хамилтон. Состанокот на Хамилтон со Хорнер се случи во седиштето на Ред Бул во Монтреал, и медиумските извештаи тврдеа дека тој пристигнал ненајавен и дека побарал од еден од работниците да го побара Хорнер. Меѓутоа, поради тоа што состанокот се случил на така очигледно место, пред сите медиуми, донесоа различни интерпретации за мотивите на Хамилтон. Се верува дека неговиот договор со Мекларен завршува на крајот на следната сезона, и според многумина состанокот е само сигнал до Мекларен пратен од новиот менаџерски тим ХИХ Ентертејнмент за подобри услови во преговарањето. Договорот на Австралиецот Марк Вебер со Ред Бул завршува на крајот на годината, а Хамилтон е исфрустриран од послабиот болид оваа година, иако победи на Кинеското ГП во април, а неговиот колега Џенсон Батон победи во Монтреал. "Јас пораснав со желба да бидам светски шампион и се уште не сум остварил се што сакам. Но, од друга страна имам голема среќа што сум дел од Мекларен, тим со голема историја и со фантастична уреденост. Имаме болид со кој можам да победувам, како што покажа Џенсон во Канада, и ние сме единствениот друг тим освен Ред Бул кои победуваа оваа година", оценува Англичанецот. Хамилтон по контроверзното Канадско ГП на кое имаше бизарен судар со својот тимски колега, и по шпекулациите за својата иднина, беше на "замена" на возилата со двократниот НАСКАР шампион на Ваткинс Глен патеката во државата Њујорк, која последен пат беше домаќин на Ф1 трка во 1980 година. Хамилтон го возеше Шевролет Импала автомобилот со бројот 14 на Стјуарт, додека Американецот го возеше шампионскиот МП4/23 болид од 2008. "Беше навистина кул. Најдоброто нешто надвор од формула 1!", изјави 26-годишниот Хамилтон.
Извор: Иди Види